Неверојатниот натпревар меѓу Бенфика и Барселона, на којшто беа постигнати дури девет гола (4-5), имал и трето полувреме. Емоциите кулминирале во тунелот на патот кон соблекувалните, па се случила и тепачка меѓу фудбалерите на двата тима.
Според информации од Португалија, Рафиња се радувал во тунелот по неверојатната победа, а токму Бразилецот го постигна и победничкиот гол во 96-тата минута и сето тоа било сфатено како провокација.
Домашните фудбалери не можеле да се воздржат и реагирале, а потоа се случила општа мешаница во која се вклучиле играчите на двата тима. Се размениле и удари, а обезбедувањето имало многу работа за да ја смири ситуацијата.
Мечот во Лисабон беше многу емотивен, а очигледно и по завршувањето, фудбалерите не можеле брзо да ги смират нервите.