Кошаркарите на ТФТ се третиот полуфиналист во плејофот за титулата во првенството на Македонија откако вечерва во драматична завршница и третпат го победија Чаир. Хаутон на 1,4 секунди до крајот е херојот на екипата од скопската населба Тафталиџе бидејќи успеа да ги реализира двете слободни и да направи пресврт за победа од 70-69.
Серијата започна со победа на Чаир на домашен терен, но ТФТ прво направи брејк, а потоа и со две победи на домашен терен во СРЦ „Кале“ дојде до пласман во полуфиналето и дуел со МЗТ Скопје, кој допрва треба да го завери пласманот со уште една победа над Гостивар.
Првото полувреме од денешниот натпревар мина во знакот на гостите, па следуваше пресврт на ТФТ, па повторно Чаир дојде во водство, сè до споменатите слободни фрлања на Хаутон за победа на ТФТ.
Вистинска мешаница е во борбата за опстанок. Кожув веќе си го обезбеди пласманот во првата лига за следната сезона, со оглед на победата над Академија ФМП со 85-90, но вистински хаос направи победата на Вардар на гостувањето кај Охрид со 72-80. Сега Вардар, Охрид и Академија ФМП имаат по пет победи, а само една од нив ќе остане прволигаш и следната сезона.