Бразил по деветти пат стана шампион на Јужна Америка откако вчера во финалето против Перу славеше со 3-1. Кариоките беа меѓу главните фаворити за освојување на титулата уште пред стартот на Копа Америка, а откако ја елиминираа Аргентина во полуфиналето, беше јасно дека ќе имаат многу поголеми шанси за трофејот од Перуанците.
По финалето, селекторот на Бразил, Тите, ги прокоментира обвинувањата на Лионел Меси, кој по елиминацијата посочи дека Копа Америка е наместена за Бразил да ја освои и дека судиите често суделе во нивна корист.
„Меси е великан меѓу фудбалерите, можеби најдобар на сите времиња. Но, треба да знае да прифати пораз. Поради неговата репутација, тој си врши огромен притисок на себе и кога губи, едноставно не може да го проголта тоа. Полуфиналето против Аргентина го добивме на фер начин“, истакна Тите.
За Гаучосите утеха беше освоеното трето место, а во мечот против Чиле, Меси беше исклучен од натпреварот откако го заработи вториот црвен картон во кариерата. И по тој натпревар, мегазвездата на Аргентина и Барселона беснееше и упати тешки критики на сметка на арбитражата и самите организатори на шампионатот.