Тите почна да учи англиски јазик, се надева на работа во Европа

Поминаа повеќе од три месеца откако Бразил беше елиминиран од Хрватска во четвртфиналето на Светското првенство во Катар, а Тите, кој беше селектор на Кариоките, уште се обидува да си ги залечи раните.

Тој е дома во Рио и го почитува даденото ветување до неговата сопруга Розмари дека нема да преземе ниту еден бразилски клуб во 2023 година. Но, намерата на Тите не е да ги саботира бразилските клубови, туку желба му е да работи во некој европски клуб и веќе почнал да учи англиски јазик, со посебни часови за фудбалски изрази. Тите се снаоѓа со италијански и шпански, но сфатил дека со англискиот му се отвораат уште повеќе опции за работа надвор.

Брзо по Мундијалот, Тите имал понуда да биде селектор на Јужна Кореја, но одбил. Тој шест години го водеше Бразил и веќе не сака да биде селектор, туку да работи во клуб.

На местото на Тите, привремен селектор на Бразил е Рамон Менезес, но следниот месец првиот човек на Бразилската федерација ќе оди во Европа во обид да најде селектор. Се спомнува Карло Анчелоти, кој му е фаворит и на Тите.

- Оглас -

Најнови вести