Томас Милер ги откри петте фаворити за титулата на СП 2026

Томас Милер, еден од легендарните германски репрезентативци, ова лето ќе го следи Светското првенство 2026 во улога на телевизиски коментатор, а веќе има јасен фаворит за освојување на титулата.

Милер, 36-годишниот фудбалер кој моментално има договор со Ванкувер вајткапс во МЛС-лигата, ја истакна Шпанија како главен кандидат за титулата на првенството што ова лето се игра во САД, Канада и Мексико.

„Меѓу фаворитите секогаш се истите големи репрезентации. Ако треба да изберам само една, мојот избор е Шпанија. Тие како тим секогаш успеваат индивидуалниот квалитет на играчите да го претворат во многу флуидна и урамнотежена целина“, изјави Милер на настанот во Минхен.

Тој посебно го нагласи и усогласениот стил на игра на шпанската репрезентација:

„Имаат ист план на игра. Се гледа дека сè совршено се вклопува“, додаде тој.

Покрај Шпанија, Милер меѓу главните фаворити ја вброи и Франција, која ја опиша како репрезентација со огромно богатство на таленти.

„Без проблем би можеле да состават три тима за Светското првенство по кои сите би рекле – Ох, вау!“, рече Милер.

На списокот на репрезентации кои би можеле да стигнат до крај ги вброи и Португалија, Аргентина и Германија.

„Португалија, Аргентина, Германија. Сакам и нас да нè стават на тој список“, додаде тој.

Говорејќи за германската репрезентација под водство на Јулијан Нагелсман, Милер истакна дека тимот не би требало да се смета за аутсајдер, но предупреди за проблемот кој Германија го следи последните години:

„Не треба да бидеме големи аутсајдери. Она што ни недостасуваше во последните години беше конзистентност, и во победите и во доминантните настапи. Но, одвреме-навреме покажуваме за што сме способни“, рече тој.

На крајот, Милер призна дека внимателно ги следи и другите репрезентации, но дека емоциите сепак остануваат на германската страна:

„Погледот ми е насочен и кон другите репрезентации, но сосема е логично моето срце секогаш да чука за Германија“, заклучи легендарниот напаѓач.

- Оглас -

Најнови вести