Поразите од Шпанија и слабата минутажа која ја добиваа на Европското првенство придонесоа уште двајца славни ветерани да одлучат да стават крај на своите репрезентативни кариери.
Станува збор за Германецот Томас Милер и Французинот Оливие Жиру.
Милер, кој има 34 години, од Маншафт се простува по 131 меч, на кои даде 45 гола, а во 2014 беше светски првак. Милер за репрезентацијата дебитираше во 2010 година, а повеќе мечеви за Германија од него имаат само Лотар Матеус и Мирослав Клозе.
Жиру се повлекува како прв стрелец во историјата на француската репрезентација. Постигна рекордни 57 гола на 137 меча, а во 2018 освои титула светски првак.