Италијанскиот калчолигаш Јувентус планира две големи засилувања за новата сезона во Серија А. Раководството на Старата дама ќе се обиде да врати двајца фудбалери во италијанскиот шампионат. Тоа се Сандро Тонали, кој го носи дресот на англискиот премиерлигаш Њукасл, и Виктор Осимен, кој е на позајмица во Галатасарај, но сѐ уште е под договор со Наполи.
Сепак, овие планови на Јувентус нема да бидат лесни за реализација. За Осимен се заинтересирани големите клубови од Премиер лигата, како и Пари Сен Жермен. Тонали размислува за заминување од Њукасл, но за него има интерес од Манчестер сити и од Реал Мадрид.
Јувентус, како што откриваат италијанските медиуми, планира ново име и во одбраната. Се споменува Пјетро Комуцо, дефанзивецот на Фиорентина.
Дополнително, Јуве ќе мора да реши и кој ќе седне на тренерската клупа следната сезона, со оглед дека Игор Тудор има договор до крајот на шампионатот. Во плановите на клубот е враќањето на Антонио Конте, кој сега го предводи Наполи.