4.8 C
Skopje
среда, 4 март 2026

Тони Крос има уникатна идеја како Бундеслигата да биде интересна

Поранешниот германски репрезентативец Тони Крос имаше одлична фудбалска кариера. Блескаше во дресот на Реал Мадрид и ги освои сите најважни клупски трофеи, а со Германија беше и светски првак во 2014 година. Крос сега има нов предизвик, а тоа е да води поткаст, и тоа заедно со неговиот брат Феликс.

Во еден од последните подкасти Тони Крос го отвори прашањето за горчливиот проблем со кој се соочува Бундеслигата, а тоа е недостаток на неизвесност во борбата за титулата. Баерн Минхен е клубот кој доминира и освои 12 од последните 13 титули во домашното првенство.

Дека и оваа сезона нема да има неизвесност, се покажа во последното одиграно коло, кога Баерн на гостински терен во Дортмунд со 3:2 ја победи Борусија, единствената екипа која некако се обидуваше да држи ритам со лидерот. По тој пораз на Борусија. Баерн сега има дури 11 бода предност на врвот, додека третопласираниот Хофенхајм веќе заостанува 17 бода.

„Кога ќе погледнете, често се случува лигата да биде јасна. Баерн доминира, другите екипи се борат за второто место. Најчесто неизвесноста ја снемува до 25-тото коло“, вели Крос, кој ја истакна својата идеја, а тоа е по завршување на 36-те кола да се направи плејоф-систем и би играле првиот со осмиот на табелата, вториот со седмиот, третиот со шестиот и четвртиот со петтиот. Победниците би играле во полуфиналето, а потоа и најдобрите две екипи би се пласирале во финалето, по што треба да се добие шампионот.

„Тоа би донело ново ниво на возбуда и ќе го задржи шармот кај навивачите“, вели Крос за неговата идеја. Тој додава дека би бил и за намалување на бројот на екипите во Бундеслигата само да се зголеми квалитетот и да се играат плејоф-дуели.

- Оглас -

Најнови вести