Тотенхем ги дотолчи обложувачите во чудна вечер, без очекуваните победи и на Баерн, Барса и Јувентус

Тотенхем ремизираше 1:1 со Фулам, во меч од 16-тото коло во Премиер лигата и само ги дополни маките на обложувачите кои очекуваа бериќетна вечер и сигурни победи на Спарс, Баерн, Јувентус и Барселона.

Сите четири гиганти на европскиот фудбал ремизираа, но Тотенхем мина најлошо бидејќи загуби два веќе вкалкулирани бодови во првенствен меч.

Популарните Спарс водеа во лондонското дерби со голот на Хари Кејн од 25-тата минута, но примија гол во 74-тата минута и неочекувано освоија само еден бод.

Фулам се разбуди во второто полувреме, одигра многу подобро и израмни со погодокот на Иван Кавалеиро.

За нив ова е многу важен бод во битката за опстанок, иако само со 12 бода сè уште се во опасната зона за испаѓање од Премиер лигата.

Тотенхем постигна втор гол во 89-тата минута, но беше поништен поради офсајд, па Спарс сега се на шестото место со 30 бода на 17 натпревари.

Претходно вечерва Јувентус прокоцка предност од 2:0 против Џенова во меч од Италијанскиот куп и игра продолженија по ремито 2:2 во регуларниот дел.

Идентичен беше резултатот и меѓу Холштајн Кил и Баерн во германскиот куп, па и таму се игра дополнително време од двапати по 15 минути.

И Барселона не успеа да го победи Реал Сосиедад во полуфиналето од шпанскиот Суперкуп во Кордоба. Мечот заврши нерешено 1:1, па и тука продолженијата или пеналите ќе го одлучат победникот и првиот финалист.

 

- Оглас -

Најнови вести