Трансферот на Милитао носи и проблем за Реал Мадрид

Реал Мадрид ја комплетираше одбраната за следната сезона со привлекувањето на Едер Милитао од Порто, но овој трансфер значи дека Кралскиот клуб ќе има четворица играчи со неевропски пасоши и ќе мора да најде начин за излез од проблемот.

Милитао е Бразилец, исто како 18-годишните Бразилци Винисиус и Родриго (сезонава настапува за Сантос, но во јули ќе се пресели во Мадрид), а тука е и Уругваецот Федерико Валверде. Според правилата, клубот смее да има најмногу тројца играчи кои се со пасоши на земји надвор од Европа.

Бразилците никако не може да станат европски државјани, но може Валверде. Во Мадрид се надеваат дека бирократските процедури околу двојното државјанство на Валверде ќе завршат и тој ќе добие шпански пасош. Шпанија им дава државјанство на лица кои барем три години по ред живеат во таа земја, а родени се во некоја држава од Јужна Америка.

Трансферот на Милитао значи дека Реал речиси сигурно крева раце од ангажирање на аргентинскиот плејмејкер Езекиел Паласиос од Ривер плејт. Ако го купат и Паласиос, ќе мора да се ослободат од еден од странците, а во таков случај фаворит за заминување би бил напаѓачот Родриго, кој би морале да го позајмат.

Затворена е и вратата за враќање на позајмениот Хамес Родригес, кој има само колумбиски пасош. Зидан не е голем симпатизер на Родригес, а јасно е дека овој фудбалер нема да се врати во Реал.

- Оглас -

Најнови вести