Тренерот на Астон вила Унаи Емери остро го критикуваше ВАР системот по поразот на неговиот тим со 1:0 од Нотингем форест, во првиот меч од полуфиналето на Лига на Европа. Шпанскиот стратег беше лут затоа што играчот за врска на Нотингем форест, Елиот Андерсон не добил црвен картон поради опасниот старт врз Оли Воткинс.
Андерсон остана неказнет за лизгачки старт за освојување на топката, а потоа со „отворена копачка“ го удри Воткинс во глуждот. Судијата Жоао Пињеиро не реагираше, а следеше само многу кратка проверка на ВАР, по што играта продолжи.
На крајот, Нотингем победи со гол од пенал на Крис Вуд досуден по интервенција на ВАР. Емери ја прифати одлуката дека било пенал, но не можеше да прифати дека Андерсон не доби црвен картон за стартот врз Воткинс.
„Судијата беше фантастичен, фантастичен. Но, ВАР системот е толку, толку лош. Тоа е чист црвен картон – не разбирам зошто ВАР не го повикува судијата затоа што е толку очигледно. Тоа е многу, многу важно. Тоа е огромна, огромна грешка. ВАР е одговорен.“, жестоко реагираше Емери.
И покрај критиките за технологијата, тој го пофали судијата. „Судијата – фантастична работа, 10 од 10. Го ценам начинот на кој го судеше натпреварот 90 минути“, додаде тој, пред повторно да го нападне ВАР системот: „Но, го гледав видеото – неверојатно. Огромна грешка. Можеше да си го скрши глуждот. Човече, ВАР – каде си? Ве молам. Тоа е ваша одговорност, ние сме професионалци. Вие работите многу лошо затоа што беше очигледно за сите. Секогаш ги почитувам судиите, но ВАР, не го разбирам. Не е фер.“, негодуваше предводникот на тимот на Астон вила.
Should Anderson have been sent off here? 🔴❗️ pic.twitter.com/JUDkOJaXnU
— EPL Bible (@EPLBible) April 30, 2026

