Тренерот на Џенова го „цеди“ Пандев

Сампдорија и Џенова одиграа 1-1 во „Дерби дела лантерна“, градското дерби од Серија А, а Горан Пандев, кој е член на Џенова, го одигра целиот натпревар. За Сампдорија заврши серијата од три победи по ред, а Џенова никако да победи, има четири меча без триумф.

Тренерот Роландо Маран има огромна доверба во 37-годишниот Пандев и го остави во игра во сите 90 минути. Пандев исто така играше 90 минути и во претходното коло против Интер, a за струмичанецот немаше одмор ниту сред неделата, во средата играше седум минути и во Купот против Катанцаро.

Пандев не излезе од игра ни на дуелот со Грузија од Лигата на нациите, па нашиот репрезентативен капитен на три од последните пет меча играше по 90 минути, иако пред тоа го штедеа и ниеднаш сезонава немаше играно цел натпревар. На овие мечеви на кои остана цело време на терен, Пандев немаше гол.

- Оглас -

Најнови вести