Тренерот на Лајпциг со победа над Мурињо влезе во историјата на ЛШ

Лајпциг ќе ја памти оваа сезона затоа што постигнува историски успех во Лигата на шампионите. Германскиот тим првпат е во нокаут-фазата и победи на гости кај Тотенхем, кој уште е актуелен европски вицепрвак. И покрај тоа што на клупата на Тотенхем е искусниот Жозе Мурињо, кој има две европски титули, стратегот на Лајпциг, Јулијан Нагелсман, не се уплаши од Португалецот и постави игра во која германскиот тим на крајот се радуваше.

Победата на Лајпциг има и историска вредност за тренерот на гостите. Нагелсман стана најмладиот тренер во историјата на ЛШ кој водел екипа во нокаут-фазата и да биде рекордот уште подобар, тој успеа да победи. Стратегот на Лајпциг има само 32 години и 211 денови.

Нагелсман како многу млад реши да стане тренер откако поради тешка повреда беше принуден многу рано да ја заврши играчката кариера. Тој прекина да игра во 2008 година и веднаш се посвети на тренерската работа. Првпат доби доверба да биде тренер на една сениорска екипа во 2016 година, кога застана на кормилото на Хофенхајм. Таму работеше до минатата сезона, а потоа направи трансфер во Лајпциг, па сега го предводи тимот до историски успеси.

 

 

- Оглас -

Најнови вести