Трето полувреме на мадридскиот Колосеум – По фудбалот, имало и опасен бокс-меч меѓу играчите на Хетафе и Вилјареал
Има дури четворица исклучени играчи откако заврши натпреварот што беше многу значаен за продолжување на трката за место во ЛШ.

Четворица играчи се дополнително исклучени по завршувањето на дербито во Ла Лига меѓу Хетафе и Вилјареал, а на мадридскиот Колосеум имало масовна тепачка во која учествувале поголемиот дел од фудбалерите од двете екипи.
Бокс-мечот, според информациите што ги објавија шпанските медиуми, го почнал третиот голман на Вилјареал, Маријано Барбоса, кој со бокс го погодил директно во лицето Ниом и потоа започнала масовна тепачка.
И интересно е што Барбоса не е меѓу квартетот учесници во тепачката што дополнително, откако заврши фудбалскиот дуел, добиле црвени картони.
Ниом иако е жртва е меѓу исклучените заедно со соиграчите од Хетафе, Дамјан Суарес и Ечетија, а кај Вилјареал суспензија има за Ибора.
Можно е сите играчи инволвирани во инцидентот да добијат и дополнителни казни, а секако им следува суспензија на следните натпревари во Ла Лига.
На терен Вилјареал го победи Хетафе со 3:1 и ги задржа шансите за настап во Лигата на шампионите, додека клубот од Мадрид се прости од амбициите да игра во луксузната лига, но има шанси за пласман во Лигата на Европа.