Шпанскиот третолигаш Интерсити синоќа ги придоби симпатиите кај неутралните фанови откако успеа да постигне три гола во мечот против каталонскиот гигант Барселона, но, за негова жал, на крајот сепак беше елиминиран од Купот со 4:3, дури по 120 минути игра.
Подвигот на Интерсити да не загуби од Барселона во 90 минути игра е уште поголем ако се знае дека фаворитот трипати имаше водство, а третолигашот трипати израмнуваше. Главна ѕвезда на Интерсити беше Ориел Солдевилја, 21-годишен фудбалер кој е роден токму во Барселона, а ги постигна сите три погодоци за домашниот тим.
Првите фудбалски чекори на Солдевилја се токму во школата на Барселона, популарната Ла Масија. Оттаму си заминал во 2020 година, но бидејќи немало голем интерес за неговите услуги, заминал во Англија, каде што две сезони бил дел од резервниот тим на Бирмингам. Откако не успеал да се снајде во Англија, решил да се врати во Шпанија и заврши во третолигашот Интерсити.
СЕКОГАШ НАВИВА ЗА БАРСЕЛОНА, СЕГА ЗА МАЛКУ ТОЈ ЌЕ ЈА ЕЛИМИНИРАШЕ
На фудбалскиот пазар, цената на Солдевилја изнесува само 100.000 евра, но сигурно по оваа блескава игра против Барселона, фудбалерот кој воопшто не е ни напаѓач, туку игра во средниот ред, ќе го привлече вниманието на посилните екипи.
„Откога се сеќавам, јас сум навивач на Барселона. Кога го дадов првиот гол бев среќен, а кога погодив втор и третпат не можев да верувам. По мечот го побарав дресот од Арнау тенас, кој е трет голман на Барселона. Тој е мојот најдобар пријател“, открива Солдевилја.
Барселона повеќе од 20 години немаше примено три гола од екипа која се натпреварува во трета лига, а никогаш не се случило стрелец на сите три гола за третолигашот да биде еден ист фудбалер.
Последен играч кој има дадено три гола против Барселона беше Килијан Мбапе во 2021 година, а последен Шпанец со три погодоци против каталонскиот гигант беше Ариц Адурис во 2015 година.
Зимскиот преоден рок во Европа е во тек, останува да се види дали Солдевилја ќе успее да напредува во кариерата и да направи трансфер во поголем клуб, каде што би го покажал талентот кој дефинитивно го поседува.

