Македонскиот напаѓач Иван Тричковски и дефанзивецот Егзон Бејтулаи беа на денешната прес-конференција и рекоа дека ќе ја оправдаат минутажата ако ја добијат довербата од селекторот.
„Ова е специјално натпреварување во кое ние сме првпат. Треба да продолжиме и да отидеме колку што е можно подалеку. Јас сум подготвен за игра, но од селекторот зависи кој ќе игра. Точно е дека загубивме двапати од Австрија, но тие порази може само да нè мотивираат, по тие мечеви се консолидиравме и почнавме да играме подобро, дојдоа подобри резултати. Со Австрија секој момент ќе биде значаен, секоја грешка може да биде кобна, треба да се искористат шансите. Победата над Германија нè позиционира високо на мапата на светскиот фудбал, но таа донесе и поголема одговорност за нас, да продолжиме да играме на највисоко ниво и да бележиме добри резултати. Ние може да ветиме дека ќе го дадеме максимумот на сите три натпревари и ќе се обидеме да собереме доволно бодови да се пласираме понатаму и да ги израдуваме навивачите“, изјави Тричковски.
Бејтулаи знае како е да се игра на ЕП, во 2017 година беше дел од тимот кој ја претставуваше Македонија на младинското првенство, но ова е нешто друго.
„Многу сум среќен што сум дел од оваа репрезентација, ќе дадам сè од себе да оствариме најдобар резултат. Секој играч има притисок, но знаеме да се носиме со тоа. Навивачите треба да ни веруваат, треба да веруваат бидејќи можеме да ги изненадиме. Атмосферата во тимот е одлична. Играме добар фудбал, не сме екипа што секоја минута ќе се брани. Стилот ни е и да напаѓаме, мислам дека не треба да се менува. Сепак, мора сите заедно и во напад и во одбрана. Доколку имаме добар резултат, добро е и да играме дефанзивно, а и ако имаме дефицит, мора да нападнеме и да дојдеме до посакуван резултат“, вели Бејтулаи.