Бразилецот Дани Алвес е во потрага по клуб, неодамна објави и „оглас“ во кој напиша дека бара да биде вработен, па веднаш пристигнаа и сериозни и не толку сериозни понуди за легендарниот десен бек кој е светски рекордер по бројот на освоени трофеи во кариерата.
Откако му истече договорот со ПСЖ, Алвес реши да си замине од Париз, но 36-годишниот фудбалер не размислува за пензија, туку бара нов клуб со кој би ја збогатил и онака супер богатата колекција на пехари и медали.
Тре Фиори, кој е најтрофеен клуб во Сан Марино, му понуди договор на Алвес.
„Дани, ја видовме твојата биографија, не е лоша. Ние сме најуспешниот клуб во Сан Марино, би сакал ли да ни се приклучиш и својата листа на трофеи да ја збогатиш уште повеќе? Ќе те пречекаме со добар фудбал и вкусна храна“, порачаа од Тре Фиори.