Цела година без пораз, бркаат секакви рекорди, а во 2019 не освоија трофеј во Англија

Триумфот на Ливерпул против Шефилд јунајтед значеше место во историјата за овој тим на Црвените бидејќи заокружи цела година без пораз во Премиер лигата. Ливерпул не загубил лигашки меч од 3 јануари 2019 година наваму и тоа е серија од 37 меча (32 победи на 37 меча) во кои собраа дури 101 бод од можни 111.

Екипата на Јирген Клоп е третата по ред, по Арсенал, кој 49 меча по ред и Челзи од октомври 2004 до ноември 2005 немале пораз цела година. Ливерпул во 2019 губеше и по еден меч во ФА купот и Карабао купот. Имаше порази и во Лигата на шампионите, но во првенството е незапирлив.

Иако една година нема пораз во Премиер лигата, Ливерпул не освои никаков домашен трофеј. Пехарите од ЛШ, Суперкупот на УЕФА и Светското клупско се интернационални.

Ливерпул во последната година собра 101 бод, девет повеќе од ривалот Манчестер сити, а 35 или повеќе од сите други премиерлигаши. Со ненормалниот скор досега, Ливерпул е на добар пат сезонава да ја заврши со повеќе од 100 бода и да го урне рекордот на Сити. Ако продолжи вака, Ливерпул ќе дојде и до неверојатни 110 бода, што би било нов европски рекорд.

Триото Фирмино-Мане-Салах е ударната игла, срцето на тимот, никој други освен нив тројца нема повеќе од шест гола.

ЕВРОПСКИОТ РЕКОРД УШТЕ Е ДАЛЕКУ

Ливерпул не знае за пораз цели 365 дена, но далеку е од достигнувањето на Милан, кој од мај 1991 до март 1993 немаше пораз во Серија А. Легендарниот тим на Милан предводен од Холанѓаните Ван Бастен, Гулит и Рајкард имаше 58 меча по ред без пораз и 672 дена без пораз. За да го стигне рекордот на Милан, Ливерпул треба да остане непоразен до 5 ноември. Но, тоа е рекорд во Топ 5 лигите.

Стеауа од 1986 до 1989 година одигра 119 домашни меча, од кои 104 лигашки, и немаше пораз, а најдолгата серија од 1.959 дена (повеќе од пет години) без пораз е на тим од Гибралтар.

Ако ја завршат сезонава без пораз, ќе го надминат Арсенал, кој 539 дена не знаеше за пораз.

Ваква серија без пораз, а да останале без титула, имале само Реал Сосиедад и Перуџа. Перуџа цела сезона во Серија А во 1978/79 немаше пораз, но титулата ја освои Милан, кој таа сезона имаше три порази, но повеќе победи.

 

- Оглас -

Најнови вести