Партизан е првиот финалист во Јадранската АБА лига, откако со „метла“ и максимални 2-0 ја елиминираше Црвена ѕвезда во полуфиналето. „Црно-белите“ беа подобри и на вториот меч, овој пат на гостински терен со 78-89, поубедливо отколку оние 100-94 од првиот меч.
Дека немаат намера да играат мајсторка најавија уште во првата четвртина, која ја добија со 16-28, а на полувремето заминаа со водство од 33-49. Во третата четвртина, Партизан дојде и до +20, но тогаш се случи и мало опуштање, па Црвена ѕвезда успеа да намали на негатива од 14 поени.
Предноста се топеше и во последниот период, но ниту еднаш не падна на едноцифрена разлика, па Партизан сосема заслужено ќе игра во финалето на Јадранската лига.
Противник на „црно-белите“ ќе им биде подобриот од дуелот помеѓу Дубаи и Будуќност, а екипата од Блискиот Исток веќе има предност од 1-0 во полуфиналната серија.

