Европската фудбалска куќа (УЕФА) реши дуелот меѓу Арарат и Црвена ѕвезда да се игра на „ГПС стадионот“ во Никозија. Мечот од плејофот за пласман во групната фаза од Лигата на Европа требаше да се игра во Ереван, но поради почетокот на војната меѓу Ерменија и Азербејџан, решено е средбата да се игра на неутрален терен во Кипар.
И Ѕвезда и Арарат почнаа во квалификациите од Лигата на шампионите, но откако беа елиминирани, шансата сега ја бараат за влез во Лигата на Европа. Од српскиот првак претходно најавија дека не се плашат да играат и во Ерменија, но дека ќе прифатат и каква било друга варијанта за одигрување на дуелот кој треба да го даде патникот во групната фаза во второто по ранг натпреварување на УЕФА.