Кошаркарите на Црвена ѕвезда од поодамна ги загубија шансите за пласман во плејин разигрувањето на Евролигата, па вечерашниов пораз од Олимпијакос и нема некое големо значење за нив. Но, затоа пак има и тоа како големо значење за екипата на Олимпијакос, која сега е многу блиску до директен пласман во плејофот.
Драмата во Белград вечерва заврши со резултат од 86-89 во корист на составот од Пиреја, иако домашните кошаркари резултатски се вратија во игра, успеаја да дојдат и до водство во самиот финиш, но не успеаја да забележат победа.
Што се однесува до текот на мечот, Олимпијакос постојано диктираше ритам и постојано беше во водство. Кошаркарот на гостите, Рајт, беше најефикасен на мечот со 20 поени, додека по еден помалку постигнаа Боломбој и Хенга од Црвена ѕвезда.