Тухел одлучи: Ареола пред Буфон меѓу диреците

По пристигнувањето на легендарниот Џиџи Буфон на „Паркот на принцовите“, тренерот на ПСЖ, Томас Тухел, имаше тешка задача околу одлуката за прв голман меѓу диреците. „Светците“ во своите редови имаат свој академец, Алфонс Ареола, кој во последниве две сезони се наметна пред Кевин Трап, кој веќе не е во тимот на ПСЖ, а полека се наметнува и во националниот состав на Франција, што прави еден проблем повеќе за Тухел околу изборот.

Сепак, германскиот стратег пресече откако истакна дека Ареола ќе има предност пред Буфон, Тухел дури лично му го соопштил тоа на францускиот голман.

„Одлуката не е дефинитивна, но јас му посочив на Алфонс дека според мое мислење, тој е во пол-позиција да настапи пред Буфон. Тој доаѓа од младинските категории на ПСЖ, oвој клуб за него е сѐ и тој прави сѐ во негова моќ да се докаже во клубот за кој навива и го сака. Мора да бидеме горди на играчи како него“, истакна Тухел за француските медиуми.

Тухел потоа ја објасни и улогата на Буфон во екипата: „Тој не е само играч кој седи на клупа. Буфон има огромно влијание во тимот. Бранеше одлично против Генгамп. Од друга страна, тој е на клупа бидејќи Ареола мора да добива одредена минутажа. Може слободно да се опушти на клупата и да гледа како други му ја вршат работата, но тој не е таков, Џиџи константо комуницира со играчите и се обидува да ми помогне. Тоа го прават само големи играчи како него“.

Буфон настапи на првите два лигашки натпревара за ПСЖ сезонава, како и во францускиот Суперкуп, додека Ареола подоцна доби шанса да брани во следните две кола.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести