Тухел отпиша уште една ѕвезда: Трент Александер-Арнолд нема да оди на Светското првенство

Селекторот на Англија, Томас Тухел, донесе неколку шокантни одлуки за списокот за Светското првенство. Иако конечниот список официјално ќе биде објавен денеска во 11 часот, Тухел веќе ги информирал играчите, па голем дел од имињата протекоа во англиските медиуми.

Јавноста остана изненадена бидејќи меѓу 26-темина фудбалери нема неколку големи ѕвезди.

Според британските медиуми, на списокот нема место за Трент Александер-Арнолд, ѕвездата на Реал Мадрид. Десниот бек има 34 настапи и четири гола за Англија, но поради послабата форма, оваа сезона останал без повик.

Александер-Арнолд сезонава одигра 30 натпревари и забележа пет асистенции за мадридскиот клуб, но е далеку од своите најдобри изданија.

Наместо него, Тухел ќе го поведе Џед Спенс од Тотенхем, кој има четири настапи за националниот тим. Спенс сезонава одигра 43 натпревари за својот тим.

На Мундијалот нема да патува ниту Кол Палмер, ѕвездата на Челзи, чија вредност се проценува на 110 милиони евра.

Палмер оваа сезона постигна само девет гола во Премиер лигата, што е негов најслаб учинок во последните три години.

Надвор од списокот остана и Фил Фоден, кој исто така имаше разочарувачка сезона во Манчестер сити. Играчот од средниот ред постигна седум гола и додаде пет асистенции на 32 настапи во Премиер лигата.

Фоден досега има 49 настапи за Англија, но нема да биде дел од Светското првенство.

Едно од најголемите имиња што ќе го пропуштат турнирот е и дефанзивецот на Манчестер јунајтед, Хари Магваер.

За 33-годишниот ветеран со 67 настапи за репрезентацијата, оваа одлука веројатно значи крај на репрезентативната кариера, особено откако Тухел уште во март го рангирал како шеста опција во одбраната.

„Бев уверен дека можам да одиграм важна улога за мојата земја по сезоната што ја имав. Одлуката ме шокира и ме разочара. На играчите им посакувам сѐ најдобро“, порача Мегваер.

Конечниот список официјално ќе биде објавен во петок, преку новата апликација на ФА на Англија, а ќе го претстават поранешните репрезентативци Даниел Стариџ и Тео Волкот.

Тухел подетално ќе ги образложи своите одлуки на 1 јуни.

Англија потоа ќе отпатува во САД, најпрво на подготовки во Флорида, а потоа во Канзас сити.

Англичаните Светското првенство го отвораат со натпревар против Хрватска на 17 јуни, а во групата ќе играат уште против Гана и против Панама.

- Оглас -

Најнови вести