Турскиот милионер Акун Иликали наскоро треба да го комплетира преземањето на тимот на Марибор во своја сопственост. Оптимистички се најавите на Иликали, кој вели дека сака да го направи Марибор да биде најдобар клуб во регионот.
„Наша цел е да создадеме најголем клуб во регионот. Сакаме да бидеме поуспешни од Динамо Загреб и Хајдук“, кратко изјавил богатиот Турчин.
Процедурата на преземање на Марибор започна пред неколку месеци. „Ги почитувам и останатите клубови во Словенија. Мура е успешна, Олимпија е познато име, но и Марибор има своја историја. На крајот, мораше да донесеме одлука. Два месеци размислувавме и мислам дека клубот кој го одбравме е вистинскиот избор. Многу ми беше важно да има аеродром во близина бидејќи често патувам и работата не смее да трпи. Луд сум по фудбалот, сакам да гледам што е можно повеќе мечеви“, неодамна изјави бизнисменот Иликали, кој е доминантен сопственик и во англискиот Хал, а претходно ги водел и екипите на Фортуна Ситард во Холандија, како и Шелбурн во Ирска.
Марибор кој 16 пати бил првак на Словенија, прв пат во својата историја ќе има странски инвеститор. Овој клуб може да се пофали и со девет трофеи во Купот на Словенија и четири освоени Супер купови. Три пати има играно и во групната фаза од Лигата на шампиони, но сезонава не започна добро и заостанува зад водечките Целје и Олимпија.