Убедлив пораз од Русија за македонските надежи

Фудбалската репрезентација на Македонија до 21 години го претрпе седмиот пораз во квалификациите за ЕП 2019, овој пат со убедливи 5-1 против Русија се враќаат од Тула. Русија втор пат бележи победа против нашата селекција, откако претходно во март месец триумфираа со драматични 4-3 на средбата која се одигра на тренинг центарот на ФФМ, „Петар Милошевски“.

Домаќините рано го отворија резултатот, а веќе по 20 минути имаа сигурни 2-0 со погодоците на Ахметов и Чалов, додека пред крајот на првото полувреме Бакаев зголеми на 3-0. Облијаков во 67-та минута ги реши сите дилеми, додека Марио Крстовки во 74-тата минута го постигна почесниот погодок за нашата селекција. Конечните 5-1 ги постави Мелкадзе во втората минута од судиското надополнување.

Ова беше претпоследниот натпревар на Македонија во квалификациите за следното Европско првенство за играчи до 21 години, последниот настап на надежите ќе биде на 16-ти октомври пред домашна публика, а ќе играат против селекцијата на Гибралтар.

- Оглас -

Најнови вести