Гранада, Валенсија, Атлетик Билбао, Реал Мадрид, Мирандес, Вилјареал, Барселона и Реал Сосиедад се осумте клубови кои останаа во игра за титулата во шпанскиот фудбалски куп, а единствен второлигашки клуб во ова друштво е Мирандес.
Ова треба да значи дека Мирандес ќе биде најпосакуваниот противник на денешната ждрепка, но една традиција укажува дека фаворитите мора да бидат внимателни и претпазливи.
Мирандес е клуб кој елиминирал дури осум прволигаши во последните 11 меѓусебни дуели со нив во Купот. Најнова жртва е Севилја, која синоќа беше шокирана со 3-1. Севилја од 2013 година немаше пораз од некој тим кој не е прволигаш.
Од 2012 година наваму, петпати имало по еден второлигаш во четврт-финалето на Купот, а дури трипати тоа бил токму Мирандес. Кој и да треба да игра со Мирандес на 5 февруари, особено ако треба да гостува во градот Миранда на реката Ебро, на стадион со помалку од 6.000 седишта, ќе си има мака.