Дисциплинската комисија на УЕФА не им простува на клубовите чии навивачи ги прекршуваат правилата за мечеви на европски натпреварувања. Косовскиот клуб Лапи е казнет со 50.000 евра и еден меч играње без присуство на публика поради скандалозното однесување на навивачите за време на мечот против Будуќност, одигран на 14 јули, во рамките од првото коло во квалификациите за Конференциската лига.
Во образложението на Дисциплинската комисија на УЕФА стои дека клубот е казнет поради „расистичко однесување на навивачите, влегување на навивач на терен, фрлање факли и разни други тврди предмети на теренот, како и провокативна порака истакната на трибините“.
Навивачите на косовскиот тим истакнаа транспарент на кој пишуваше „Вие сте следните“ и имаше нацртано мапа на поделена Црна Гора.
Освен косовскиот Лапи, казна доби и Будуќност, и тоа од 35.375 евра, плус затворање на Северната трибина поради „расистичко однесување на навивачите и фрлање тврди предмети на теренот“ за време на првиот меч меѓу Будуќност и Лапи одигран во Подгорица.