Успех за Шишковски со Борац Бања Лука, разочарување за Алекс Трајковски во Сплит

Mакедонскиот репрезентативен голман Дамјан Шишковски со Борац Бања Лука стигна до плејофот во Лигата на Европа. Борац Бања Лука го победи Клаксвик со 3-1 по продолженија и се пласира понатаму откако на првиот меч загуби со 1-2.

Шишковски беше одличен на голот на Борац и даде целосен придонес во триумфот.

Александар Трајковски со Хајдук Сплит доживеа дебакл со елиминацијата на „Пољуд“ од Ружомберок во квалификациите за Конференциската лига на УЕФА. Хајдук беше поразен со 0-1 на домашен терен откако првиот дуел во Словачка заврши без голови, 0-0. Ова само ќе ги зголеми проблемите во Сплит по недоразбирањата што се појавија меѓу Џенаро Гатузо и Иван Перишиќ.

Косовскиот тим Дрита, кој го предводи македонскиот стратег Зекирија Рамадан, се избори за плејоф во Конференциската лига на УЕФА откако на реваншот во третото квалификациско коло дури по продолженија славеше против летонскиот тим Ауда со 3-1.

Првиот меч во Летонија заврши со победа на Ауда од 1-0. Во тимот на Дрита настапи и повремениот македонски репрезентативец Егзон Бејтулаи, а Блертон Шеји остана на клупата за резерви.

Елиминација од Конференциската лига доживеа и Марио Илиевски со ЦСКА Софија по убедливиот пораз од 4-0 од кипарски Пафос.

- Оглас -

Најнови вести