Хрватот Даријо Срна кој е вистинска фудбалска икона во Украина објави дека ја напуштил земјата, а пред него тоа го стори и некогашниот негов соиграч од репрезентацијата, Огњен Вукојевиќ.
Срна и останатиот дел од фудбалската експедиција на Шахтар беа сместени во хотел во Киев, но во главниот град на Украина е многу опасно, бидејќи се бијат и улични битки меѓу руските и украинските војници.
Спортскиот директор на Шахтар објави дека во последните два дена бил во засолниште, а си заминал од Украина кон Унгарија, заедно со двајцата физиотерапевти, Бојан Радановиќ и Игор Гршковиќ, кои исто така се Хрвати.
„Само да ја минам границата и да дојдам до некоја од земјите што се во Европската Унија. Ова што и се случува на Украина едноставно нема смисол за никого. Ситуацијата е тешка, а овој народ со големо срце не заслужува вакво нешто. Два дена бевме сместени во засолниште, додека се слушаа експлозии во Киев“, изјави Срна.
Некогашниот репрезентативец на Хрватска го има статусот на фудбалска икона во Украина, посебно во Шахтар, клуб за кој играше непрекинато од 2003 до 2018 година, а сега е спортски директор.
Срна освои 10 шампионски круни со тимот што е од Доњецк, по 8 пехари во националниот куп и Суперкупот на Украина, а во сзината 2008/09 го крена и пехарот во УЕФА купот, сега познат како Европа Лига.