В недела ќе се трча Виз Ер Скопскиот маратон, но овојпат стартот и целта нема да бидат на плоштадот

Традиционалниот Скопски маратон ќе се одржи на 4 октомври (недела), со што ќе продолжи убавата спортска традиција на овој настан, кој стана обележје на главниот град на Македонија. Маратонот првично требаше да се трча во мај, но поради пандемијата со корона-вирусот, беше одложен за октомври.

Организаторот на маратонот уверува дека ќе се испочитуваат мерките и протоколите за заштита од опасниот вирус. Оваа година различно е тоа што стартот и целта нема да биде на централниот плоштад, туку пред влезот на „СЦ Борис Трајковски“.

„Оваа година ќе имаме 1.500 учесници во три трки: маратон, полумаратон и штафетен маратон „ЕУ за тебе“. И оваа година ќе имаме квалитетни натпреварувачи како и досега, но поради пандемијата, влезовите во државите се ограничени и оваа година ќе бидеме без натпреварувачите од Африка. Заради целата ситуација со вирусот, ги променивме стартот и целта, коишто ќе бидат пред влезот на СЦ „Борис Трајковски“, а патеката е иста. Тоа е така затоа што тој простор ни дозволува да ги испочитуваме сите протоколи донесени специјално за маратонот“, изјави Кире Синадиновски, директор на Виз Ер Скопски маратон.

Традиционален домаќин и покровител на Виз Ер Скопски маратон е градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов. Првиот човек на градот истакна дека му е големо задоволство што традицијата продолжува.

„Трчањето ќе ве промени – тоа е мотото под кое годинава традиционално, по 16-ти пат, натпреварувачите го трчаат Виз Ер Скопскиот маратон. Не можам да го сокријам моето задоволство што Скопскиот маратон прерасна во една од најголемите спортски манифестации во државата и еден од најмасовните улични маратони во регионот. Упатувам честитки до организаторот, Сојузот на спортови Скопје, кој заедно со коорганизаторите и во ваквите вонредни околности настанати поради светската пандемија на корона-вирусот, успеаја да најдат начин како безбедно да ги отворат вратите за натпреварувачите од целиот свет, почитувајќи ги протоколите за заштита на јавното здравје“ рече Шилегов.

- Оглас -

Најнови вести