Јадранскиот вицешампион Партизан по осум години пауза ќе се врати во Евролигата, ексклузивно потврди српскиот спортски портал „sportske.net“.
Белградскиот кошаркарски гигант ќе добие специјална покана од раководството на Евролигата, што ќе биде официјално потврдено во четврток по собирот на извршниот комитет на шампионатот.
Покрај Партизан, „вајлд карта“ доби и Валенсија, додека поради неисполнување на одредени услови, одбиено беше барањето на вицешампионот од Еврокупот, Бурсаспор, каде што на тренерот Алимпијевиќ десна рака му е македонскиот стратег Мирко Петрески.
Со оваа потврда, АБА-лигата ќе има два претставника во најелитното кошаркарско првенство на континентот, заедно со шампионот Црвена ѕвезда.
Партизан на овој повик чекаше осум години. Во минатото настапуваше во 13 последователни сезони, а се памети успехот од 2010 година, кога Црно-белите играа фајнал-фор, и тоа на домашен терен во Белград.