Ван Дајк со чудно признание: Најубаво ми беше кога бев повреден и не играв фудбал

Вирџил ван Дајк емотивно призна дека најубав период му било времето кога се опоравуваше од тешката повреда на коленото што ја заработи во судир со голманот на Евертон, Џордан Пикфорд, во октомври 2020 година. И покрај тоа што девет месеци беше надвор од терените и го пропушти ЕВРО 2020, капитенот на Ливерпул изјави дека тоа бил еден од најубавите периоди во неговиот живот.

„Тоа беше еден од најубавите периоди во мојот живот. Беше тешко – особено психички. Имаше многу непроспиени ноќи, постојано си велиш: ‘Како ќе се развие ова? Ќе бидам ли повторно истиот играч?’ Но, како спортист, физички се справуваш“, истакна Холанѓанецот.

Ван Дајк откри дека поголемиот дел од рехабилитацијата ја поминал во Дубаи, далеку од клупските обврски, но близу до семејството.

„Седум недели со нив. Никогаш претходно не сум имал такво нешто. Тоа беше еден од најубавите семејни периоди што сум ги имал. Секако, никој не сака сериозна повреда, но времето што го поминавме заедно вредеше“, истакна Ван Дајк.

Ова сведоштво го покажува човечкиот аспект на фудбалот, дека дури и најтешките моменти можат да донесат нешто драгоцено.

- Оглас -

Најнови вести