Ван дер Варт го обвини Роналдо за меч кој никогаш не се одиграл

Некогашниот фудбалер на Реал Мадрид, Рафаел ван дер Варт во разговор со Питер Крауч упати критики до Кристијано Роналдо, за еден потег на Португалецот додека играле заедно во Кралскиот клуб. Ван дер Варт раскажуваше за ситуација која се случила по еден меч, но проблемот е во тоа што средбата за која раскажува Холанѓанецот, воопшто не постои.

Ван дер Варт помина две години во Реал, а кога ја играше втората сезона, во Мадрид пристигна и Кристијано Роналдо.

„Играв со Роналдо, кога во еден меч на домашен терен со 6:0 го победивме Спортинг Хихон. Јас дадов хет-трик, а Кристијано не постигна ниту еден гол и по завршување на мечот беше лут во соблекувалната. Нормална работа ќе беше да одиме на пиво по таква победа“, раскажуваше Ван дер Варт.

Сепак, проблем е тоа што Реал во тој период го нема победено Спортинг со 6:0, а ни Ван дер Варт не постигнал хет-трик кога Роналдо бил член на Кралевите. Едноставно Холанѓанецот нешто се има збунето. Ван дер Варт има постигнато хет-трик против Спортинг кога Реал победи со 7:1, но тоа беше во првата сезона, кога Роналдо уште беше во Манчестер јунајтед.

Следната сезона, Реал со 6:0 има победа против Сарагоса, а тогаш Ван дер Варт дал два гола, а Роналдо погодил еднаш. Во таа сезона, мадриѓани дома со 3:1 го победија Спортинг, а Холанѓанецот даде два гола, додека Кристијано не се запишал во листата нс стрелци.

- Оглас -

Најнови вести