Вардар денеска треба да го освои првиот голем трофеј сезонава

По третпат за помалку од две недели ќе играат ракометарите на Вардар и Загреб. Македонскиот првак со две победи (27:18 и 32:30) го елиминираше ривалот во осминафиналето од Лигата на шампионите. Сега предизвикот е уште поголем. Се игра еден меч, и тоа во финалето на СЕХА-лигата.

На неутрален терен во Брест, од 19 часот, Вардар и Загреб ќе се борат за трофејот од регионалното натпреварување. Ова е реприза од ланското финале, кога македонскиот шампион во Скопје се радуваше на трофејот. И овојпат Вардар е голем фаворит, но тоа треба да се потврди на теренот.

„Само за 10-тина дена по третпат ќе играме против Загреб . Воопшто нема да биде лесно. Ова е финале и мотивацијата е посебна“, вели вардаровиот играч Иван Чупиќ.

Вардар го брка петиот трофеј во ова натпреварување, додека Загреб се надева дека вторпат ќе го однесе пехарот во своите витрини. Македонскиот првак беше шампион во 2012, 2014, 2017 и 2018 година, што значи дека сега чека и „хет-трик“. Загреб беше првак во 2013 година.

Пред финалето, ќе се игра мечот за трето место меѓу Нексе и домаќинот на завршниот турнир, Мешков Брест.

 

- Оглас -

Најнови вести