Ракометарите на Вардар имаат перфектен старт на новата сезона. Во 11 меча во домашното првенство Црвено-црните имаат исто толку победи, а имаат и две победи во двата досегашни дуели во ЕХФ Европската лига, второто по ранг натпреварување на Стариот континент.
Вардар вечерва го има третиот предизвик во Европската лига, и тоа на гости кај Кристијанстад. Шведскиот тим има победа и реми на гостински терен и сега на свој терен се мотивирани да стигнат до триумф за да го преземат челното место на табелата.

Сепак, од Кристијанстад не забораваат дека Вардар е баук за нив. Во досегашните осум меча на овие два тима, македонскиот клуб секогаш победувал. Од Кристијанстад порачуваат дека денеска е денот кога треба да заврши оваа низа на Вардар.
„Вардар ни е многу добро познат противник. Во досегашните осум натпревари, тие ги добија сите осум. Дојде време да заврши таа лоша серија за нас. Ова е меч по кој може да бидеме први во групата. Вардар игра одлично, ги доби првите два натпревари и има четири бода. Ние одигравме два меча на гостински терен и освоивме три бода, а сега конечно дојде време за нашиот прв домашен меч во ова европско натпреварување“, велат во Кристијанстад.

