Вардар гостува на местото каде што нема ниедна победа

Ракометарите на Вардар попладнево од 18 часот ќе гостуваат на Кјелце, во меч од 8. коло во Лигата на шампиони. Овие две екипи пред само седум дена одиграа многу неизвесен меч во Скопје, кој заврши нерешено 28:28. Сега, Кјелце ја има предноста на домашен терен и е голем фаворит за триумф.

Вардар повторно ќе биде без Даинис Кристопанс, кој поради повреда го пропушти и мечот од минатата сабота. Сепак, Црвено-црните и без летонскиот џин покажаа дека може да парираат на силен тим како Кјелце. Домаќините ќе бидат без Морито, но ќе имаат поддршка од публиката во полната сала.

Традицијата вели дека Вардар не може да се надева на позитивен резултат од ова гостување, бидејќи македонскиот првак никогаш не се радувал на триумф во салата „Легионов“. Мечот е многу значаен за распоредот на табелата во Б групата, каде Кил е убедлив лидер со 13 бодови, а потоа следуваат Монпелје и Вардар со по 9 бодови, а Веспрем, Кјелце и Порто имаат по 8 бодови. Мешков Брест и Мотор се далеку од местата кои водат во нокаут фазата.

 

- Оглас -

Најнови вести