7.8 C
Skopje
вторник, 3 март 2026

Вардар ја победи Бенфика и сега е лидер во групата од Лига на Европа

Вардар ја оствари зацртаната цел, а тоа е да ја победи Бенфика со 33:27 во меч од петото коло во ракометната Лига на Европа на ЕХФ. За Вардар ова е трета победа и со шест бода сега е лидер на табелата со подобра гол разлика од германскиот Мелсунген кој истотака има шест бодови.

Бенфика остана на третото место на табелата со четири бодови колку што има и последниот Кристијанштад. Во последното коло од групата, Вардар ќе гостува кај Мелсунген, а Бенфика ќе биде домаќин на Кристијанштад.

На дуелот кој вечерва се одигра во „Јане Сандански“, Вардар постојано имаше контрола на резултатот. Црвено-црните поведоа со 1:0, потоа со 3:1 и 5:2 покажувајќи дека се решени да победат. Најголемата предност вардарци во првиот дел ја имаа со четири разлика, кога беше 10:6, но гостите од Португалија до крајот на првиот дел заиграа подобро и намалија само на еден гол заостанување (15:14).

На почетокот од второто полувреме беше неизвесно. Вардар водеше со 19:18, а потоа следуваше најдобриот дел од играта на Црвено-црните. Вардарци направија серија од 8:2 и поведоа со високи 27:20, по што веќе се најѕираше победникот. Бенфика намали на 28:24 на пет минути до крајот, но гостите кои во текот на целиот меч беа во негатива, едноставно немаа сили да се спасат од пораз.

- Оглас -

Најнови вести