Вардар повторно гостува во Тетово, Шкендија во Работнички гледа „пациент“

Во 14 часот стартува 21-вото коло во Првата фудбалска лига на Македонија, во кое Вардар по три дена пауза, повторно ќе гостува во Тетово.

Црвено-црните по поразот од Шкендија во дербито, сега ќе бркаат бодови против Ренова, која се бори за опстанок, меѓутоа според квотите во Sport Life, тимот на Никола Илиевски-Џиџи е голем аутсајдер во овој дуел.

Како гостин на „Еколог стадионот“, Вардар има израмнет биланс против Ренова со по две победи и два порази, како и едно реми, додека бодовите се делеа и во првата овосезонска пресметка која заврши со 3-3 на Националната арена „Тодор Проески“.

Во меѓувреме, лидерот Шкендија гостува во Скопје, каде што ќе ги одмери силите против Работнички. Романтичарите практично им станаа пациенти на тимот од Тетово, кој славеше во петте последни меча како гостин во лигашки рамки, а таа серија заврши со ремито од 2-2 во куп-пресметката во ланската сезона.

Работнички сезонава ѝ откина два бода на Шкендија со нерешените 1-1 во Тетово, па за скопскиот состав ќе биде добро да остане непоразен и по овој меч откако почна пролетниот дел од сезоната.

Во терминот од 14 часот се играат уште четири дуели:

Борец – Беласица, Силекс – Шкупи, Академија Пандев – Македонија Ѓорче Петров и Струга ТЛ – Пелистер.

- Оглас -

Најнови вести