Вардар замина за Норвешка без Ристовски, Гурбиндо и Кудуз, но ќе играат браќата Њокас

Вардар ќе се обиде и по третпат да остане непоразен против норвешкиот клуб Елверум утре, во премиерата во Лигата на шампионите за двете екипи во новата сезона.

Црвено-црните отпатуваа за Норвешка, каде што утре од 18.45 часот ќе се обидат да освојат први бодови во новата сезона во најсилното клупско натпреварување во Европа.

Во експедицијата на двојниот европски првак ги нема голманот Борко Ристовски, Шпанецот Гурбиндо, кој е пред заминување од клубот, и Кудуз.

Охрабрување за Вардар е што утре деби-настап може да имаат браќата Њокас, Оливие и Кевин, кои пристигнаа во редовите на македонскиот првак од Металург.

„Во тимот нема да ги имаме ниту Кудуз, ниту Гурбиндо, кои сезонава веќе играа на неколку натпревари. Едниот поради повреда, другиот поради некои други причини. Тука се браќата Њокас, кои сепак ќе имаат само еден тренинг и не знам ни во каква физичка кондиција се.

Се среќаваме со екипа што игра врвен ракомет како и сите нордиски екипи, играат модерно, доста трчаат, имаат креативни играчи. Ќе биде тежок натпревар. Би било добро да почнеме со победа, но во овој момент навистина не можам да кажам дека Вардар е фаворит на овој натпревар, иако имаме свои адути и свои шанси и ќе сториме сè да го добиеме натпреварот во Норвешка.

Отпатуваме за Норвешка, каде што исто така треба да ги испочитуваме сите ковид протоколи, а потоа и да играме со екипа која мислиме дека можеме да ја победиме. Јас сè уште не ја знам вистинската сила на мојот тим. Неиграњето на Ф4 во СЕХА-лигата и два силни меча против европски екипи не ми даваат показател за тимот “, изјави тренерот Веселин Вујовиќ.

Вардар во ланскиот циклус на натпревари во Лигата на шампионите ремизираше 34:34 со Елверум, а потоа го победи со 35:32.

 

 

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести