Васоски: Пораз за отрезнување, игравме нервозно

Тренерот на Вардар, после поразот од Шкендија, се осврна на слабостите на својот тим, и рече дека сега не смеат да ги спуштат главите.

„Разочарани сме. Едно се договоривме пред натпреварот, друго се случи. Бевме разлетани на почетокот, а договорот беше да бидеме попретпазливи. Во второ полувреме игравме подобро, имавме ситуации за гол, но се забележуваше некоја нервоза во нашиот тим и игра. Ова е шлаканица која треба да делува освестувачки за нас. И да победевме, немаше да биде гаранција за титула, а вака мора да запнеме на наредните дуели. Што е тука е, уште сме лидери, ќе биде опасно ако ги спуштиме главите. Треба машки да го поднесеме поразот и да се сконцентрираме на наредниот натпревар“ – изјави тренерот на Вардар.

Што се однесува до спорниот момент кога Шкендија по шутот на Емини поведе со 1-0, а вардарци се бунеа дека топката не ја минал гол-линијата, Васоски има свое гледање.

„За првиот гол, не коментирам, беше сомнителна ситуација, и на вакви мечеви не знам колку треба да се свирне ако не си 100 проценти сигурен. И од еден метар не се гледаше дали е гол, камоли од аут линија. Голот влијаеше психолошки врз тимот, после такво нешто, не си истиот, нервозата си го прави своето. Не би требало да се вадиме на тој момент, но беше еден од клучните на овој меч“ – додава Васоски.

- Оглас -

Најнови вести