Српскиот првак Црвена ѕвезда попладнево пристигна на скопскиот аеродром и е подготвена за пријателскиот меч од хуманитарен карактер против најтрофејниот македонски клуб Вардар.
Во составот од 20-мина фудбалери тука се: Омри Глазер, Иван Гутеш, Вељко Милосављевиќ, Милан Родиќ, Јунг Ву Сеол, Ебенезер Анан, Страхиња Стојковиќ, Мамаду Фал, Кеимер Сандовал, Раде Круниќ, Тими Макс Елшник, Гелор Канга, Јован Шљивиќ, Василије Костов, Андрија Максимовиќ, Ѓорѓе Ранковиќ, Лука Илиќ, Александар Катаи, Бруно Дуарте, Урош Сремчевиќ.
За македонската публика посебно интересно ќе биде на теренот на Арената „Тодор Проески“ да ги видат младите Андрија Максимовиќ и Василије Костов.
За Максимовиќ се вели дека е „српскиот Меси“. Тој веќе е и еден од главните играчи на Црвено-белите, а на последниот меч, и тоа против вечниот ривал Партизан, токму 17-годишниот Максимовиќ даде гол од пенал и беше најдобро оценет играч на теренот. Според „Трансфермарк“, цената на Максимовиќ на европскиот пазар е 10 милиони евра.
Костов е уште помлад од Максимовиќ и има само 16 години. Василије е играч од средниот ред, а пред неколку дена, на дуелот против ОФК Београд, дебитираше во српското првенство. Тој е уште еден голем талент од школата на Црвена ѕвезда, а интересно е дека Костов има и македонско државјанство, што значи дека во иднина може да заигра и за Македонија.
Сепак, тоа е тешко веројатно, ако се знае дека Србија веќе го „врбува“ Костов, па иако тинејџерот има само 16 години, веќе е дел од репрезентацијата на Србија до 19 години.