Веѓата и Брадата апсолутно доминираа – Дејвис со 46 поени ги декласира своите, Харден броеше до 44 со трипл-дабл (Видео)

Ентони Дејвис повторно им потврди на своите поранешни сопственици од Њу Орлеанс пеликанс дека ја утнаа работата со неговата трампа и пак одигра фантастична партија баскет против својот поранешен тим. Популарната Веѓа постигна 46 поени и имаше 13 скока во победата на Лос Анџелес лејкерс од 123:113.

За Дејвис ова беше втор меч против Пеликанс како член на шоумените и вторпат успеа да ја префрли границата од 40 поени.

Дени Грин му беше одлична поддршка со 25 поени, а Леброн Џејмс постигна 17 поени, но имаше и извонредни 15 асистенции.

Уште еден играч со колоритен прекар, Брадата, Џејмс Харден брилјираше ноќеска со 44 поени и по 11 скока и асистенции во победата на Хјустон против Филаделфија со 118:108.

За Харден ова беше прв трипл-дабл сезонава и вкупно 43. во кариерата со што е на осмото место во историјата на НБА лигата. Извонреден учинок имаше и центарот на победничката екипа Клинт Капела со 30 поени и 16 скока.

Трипл-дабл имаше и на спротивната страна, а Бен Симонс стаса до ефект од 29 поени, 13 скока и 11 асистенции. Притоа имаше и 4 блокади, но сепак недоволно за да се победи Хјустон.

Резултати: Бостон – Атланта 109:106, Орландо – Мајами 105:85, Вашингтон – Портланд 103:122, Хјустон- Филаделфија 118:108, Феникс – Њујорк 120:112, Л.А Лејкерс – Њу Орлеанс 123:113.

- Оглас -

Најнови вести