Светското првенство во фудбал во 2034 година многу веројатно ќе се одржи во Саудиска Арабија. Досега кандидатури поднесоа само Саудиска Арабија и Австралија, но во последен момент Фудбалската федерација на Австралија ја повлече и ги остави Саудијците единствени кандидати за организација на Мундијалот во 2034 година.
„Ги истраживме сите можности да се пријавиме за организација на Светското првенство во фудбал кое треба да се одржи 2034 година, но откако размисливме за сите фактори, донесовме одлука да не се пријавуваме“, стои во соопштението на Австралиската фудбалска федерација.
Денеска е последен рок за пријавување на кандидатурите и досега единствено Саудиска Арабија остана во игра за организација за Мундијалот. Иако постои можност во последен момент некоја земја да се кандидира, медиумите не веруваат дека ќе се случи такво нешто.
Саудиска Арабија беше кандидат за организација на СП 2030 заедно со Грција и Египет, но во последен момент се откажаа и организацијата ја добија Шпанија, Португалија и Мароко, додека три меча ќе се играат во Јужна Америка во чест на стогодишнината од првото Светско првенство.