Репрезентацијата на Велс беше на чекор од историски бод на гостувањето кај Белгија во меч од квалификациите за СП 2026. Бодот ќе беше историски затоа што Велс губеше со 3:0 по првите 30 минути игра, но успеа да се врати резултатски и стигна до 3:3.
Сепак, во 88-мата минута Кевин де Бројне постигна гол за победа на Белгија од 4:3. И покрај поразот, селекторот на Велс, Крег Белами, верува дека неговата репрезентација има уште шанси да се бори за првото место кое води директно на завршницата на Мундијалот, или евентуално да бидат втори, што носи пласман во баражот.
„Да дојдете на теренот на репрезентацијата која е рангирана на осмото место на ФИФА листата и да одиграте вака е за почит. Мислам дека и играчите на Белгија го почувствуваа тоа. Горд сум на моите момци. Иако го загубивме мечот, на некој наш начин чувствувам како да сме победиле. Против репрезентации како Белгија, не смее да се прават грешки затоа што тие веднаш казнуваат. Едвај чекам да играме против Белгија во Кардиф“, вели Белами, кој го претрпе првиот пораз како селектор на Велс, и тоа дури во десетиот меч.
Велс имаше историски успех на Светското првенство во 1958 година кога стигна до четвртфиналето, а потоа се немаше квалификувано на завршницата на Мундијалот сè до 2022 година. На планетарниот собир во Катар, Велс заврши на последното место во групата.