Венгер: Баерн го украде Гнабри од Арсенал

Серж Гнабри е фудбалерот кој блеска во последниве неколку месеци. Тоа е играчот кој во дресот на Баерн Минхен му даде четири гола на Тотенхем во Лондон, во мечот од Лигата на шампионите, а блеска и во националниот тим. Гнабри синоќа погоди за Панцерите во ремито 2:2 против Аргентина.

Со тој погодок против Аргентина, Гнабри постави рекорд во националниот дрес. Стана играчот кому најбрзо му успеало да стигне до 10 погодоци за репрезентацијата. На Гнабри му беа потребни 11 меча за да даде 10 гола, надминувајќи го Мирослав Клозе, кој до 10 гола стигна во 13 дуели.

Арсенал е тимот кој најмногу жали за Гнабри што го нема во својот состав. Германецот беше дел од младинската школа на Топчиите, а потоа заигра и за првиот тим во 2012 година. Сепак, за лондонскиот тим не одигра повеќе од 10-тина меча за четири сезони, а една беше позајмен и во ВБА. Потоа, Арсенал го продаде Гнабри во Вердер, а само една сезона подоцна се пресели во Баерн Минхен, каде што сега се наметна како еден од главните играчи.

Легендарниот менаџер на Арсенал, Арсен Венгер, е човекот кој го испушти Гнабри од тимот, но францускиот стратег го обвини Баерн за „крадење“ на талентот, кој реши да си замине кога му истече договорот во 2016 година бидејќи не ја доби потребната шанса да игра.

„Ние долго време се обидувавме да му го продолжиме договорот на Гнабри, но мислам дека Баерн манипулираше со него и го натера да потпише во Вердер, а една година подоцна го доведе во Минхен. Серж секогаш бил талентирано момче, но му недостасуваше самоувереност. Ние секогаш верувавме дека имаме играч кој може да постигне многу. Јас верував во него“, рече Венгер.

 

- Оглас -

Најнови вести