Морено Лонго имаше неуспешно деби на клупата на 7-кратниот првак Торино, а Сампдорија направи експресен пресврт и победи со 3:1 на гостински терен.
Симоне Верди со гол во 56. минута најави прекин на црната серија од 4 порази на Торино, кои доведоа и до смена на тренерот Валтер Мацари.
Сепак се случи брз пресврт на гостите од Џенова, а го иницираше Гастон Рамирес со прекрасен гол од слободен удар во 70. минута. Само 150 секунди подоцна истиот играч повторно погоди, а нокаутот за Торино го запечати нивниот поранешен играч, Фабио Квалјарела со гол од пенал во 79. минута.
Торино има пет порази по ред, сметајќи го и тој во купот од Милан, а во тој циклус прими дури 20 голови. Со 27 бода популарните бикови сега се на 12. место, пред Сампдорија која има 23 бода на 16. позиција.