Славниот шведски тенисер Матс Виландер изјави дека времето на Новак Ѓоковиќ веќе е истечено и дека српскиот тенисер веќе нема шанси да освои уште некој голем трофеј. Виландер своето тврдење го базира на фактот дека Ѓоковиќ има проблеми со физичката подготвеност и дека нема шанса веќе да парира на помладите.
„Очигледно е дека не е 100 отсто физички подготвен. И без тоа, Ноле има 38 години, нема шанси да освои уште некој гранслем-турнир. Тој мора да биде на своето апсолутно врвно ниво, дури мора да биде и подобар. Против овие момци сега му е потребно уште некои дополнителни пет отсто од тоа што сега го има“, анализираше Виландер.

Славниот Виландер додава дека водечките двајца тенисери на АТП-листата се многу над Ѓоковиќ во моментов и дека Србинот нема шанси да стигне до 25-тата гранслем-титула.
„Новак Ѓоковиќ во моментов е трет тенисер во светот. Го почитувам тоа што го прави, но очигледно е дека не е доволно. Алкарас и Синер едноставно се премногу добри за него. Каде би можел евентуално да победи? Во Австралија и на Вимблдон. Веројатно повеќе ја сака Австралија затоа што тамошните терени совршено му одговараат. Сепак, не знам дали воопшто има шанси за титула, но тоа не е веќе ни толку важно. Новак успеа да освои толку многу турнири, па според мене, голем успех е и самото тоа што уште игра“, додава Виландер.

