Виолетовите не го забораваат капитенот: Две години од смртта на Астори

На денешен ден, 4 март 2018 година, од срцев удар почина капитенот на Фиорентина, Давиде Астори. Италијанскиот репрезентативец беше пронајден мртов во хотелска соба во пресрет на гостувањето на Виолетовите кај Удинезе. Цела Италија беше шокирана од потресната вест, за неговиот погреб во Фиренца се собраа илјадници навивачи на Фиорентина и целата репрезентација на Аѕурите да му оддадат последна почит.

Две години по неговата смрт, клубот не го заборави својот капитен. Инаку по трагичната смрт, Фиорентина го повлече бројот 13, тренинг-центарот го преименува во „Давиде Астори“, додека управата се погрижи за неговото семејство доживотно да биде финансиски обезбедено.

На официјалниот Твитер-профил клубот објави изјава на сопственикот Роко Комисо.

„Денес се сеќаваме на Давиде Астори, нашиот капитен. Немав прилика лично да се запознаам со него, но сите со коишто зборував за Давиде ми потврдија дека се работеше за прекрасна личност. Денес ја давам мојата поддршка кон неговото семејство, соиграчите, пријателите, навивачите и сите останати кои жалеа по неговата трагична смрт. Виолетовата фамилија никогаш нема да го заборави својот капитен“.

- Оглас -

Најнови вести