Промотерите на контроверзниот бокс меч меѓу Џејк Пол и Мајк Тајсон нудат ВИП влезници кои чинат неверојатни два милиони долари. Некогашниот светски боксерски првак Тајсон иако има 57 години, прифати да се бори со Пол кој започна како јутјубер, но потоа се префрли во боксерските води. Пол има 27 години и според сите проценки е апсолутен фаворит за победа на овој дуел.
Бокс пресметката ќе биде на 20 јуни на стадионот во Далас, а оние кои ќе решат да платат два милиони долари, ќе добиат посебен третман. Досега има преку 120.000 барања за карти за овој меч на кој максимум може да присуствуваат 80.000 фанови. Влезниците официјално ќе бидат пуштени во продажба следната недела.
REVEALED: VIP tickets for Jake Paul vs. Mike Tyson to cost $2MILLION… here’s what fans get in lucrative package https://t.co/gLWTgXvPEu
— Mail Sport (@MailSport) May 10, 2024
Во ВИП пакетот кој вреди два милиони долари постојат многу интересни привилегии, како што се да се има две места покрај рингот и четири седишта во првиот и во вториот ред на партерот.
ВИП навивачите ќе имаат можност и да се фотографираат со Пол и Тајсон и тоа пред борбата, во нивната соблекувална. Ќе добијат и ракавици на кои ќе ги има потписите на двајцата боксери, а ќе им биде обезбеден и хотел за две вечери во истиот хотел во кој ќе бидат и Тајсон и Пол.
Според првичните проекции, се очекува двајцата боксери да поделат по 100 милиони долари од оваа борба, која ќе биде класифицирана како професионална.