Вицешампионот без мака против Чиле

Норвешка без проблеми ја совлада селекцијата на Чиле со конечни 41:20 за сигурен пласман во следната рунда од Светското првенство. Актуелниот планетарен вицешампион со четири победи засега ќе биде на првото место во групата Ц пред Данска, која во 20:45 игра против Австрија.

Неизвесно беше само во воведните минути, а потоа Норвешка го забрза темпото и на паузата замина со +9 (21:12).  Со ист ритам продолжија и во вториот дел, па до самиот финиш разликата беше дури и 21 гол.

Со осум погодоци од 10 обиди, Блонз беше најефикасен кај Норвежаните, Хансен беше перфектен со 5/5. Кај поразените, Санилас со девет гола беше најдобар.

Србија со пресврт над Кореја ја оствари првата победа на шампионатот со 31:29. „Орлите“ засега ги задржаа минималните шанси за пласман во следната рунда, а за својата судбина ќе одлучуваат против домаќинот Германија во последното коло од групите.

Корејците по првите 30 минути имаа предност од два гола (14:16), но српската селекција влезе во одлична серија и се избори за многу важни бодови.

Во 20:30 часот е закажано дербито помеѓу домаќинот Германија и актуелниот светски првак Франција, додека 15 минути подоцна ќе започне последниот дуел од денешната програма, меѓу Австрија и Данска.

- Оглас -

Најнови вести